
15 лица убиени во операција на безбедносните сили против исламските милитанти
Безживотните тела на 15 луѓе, вклучувајќи и 6 деца биле пронајдени по експлозијата во локација каде се криеле осомничени исламистички милитанти во источна Шри Ланка, потврди полицијата.
Меѓу загинатите има 3 жени, за кои се верува дека се членови на семејствата на осомничените милитанти.
Според информациите на жителите на местото Саинтмаруту, експлозијата се слушнала по повеќечасовна престрелка со огнено оружје, во близина на родното место на лидерот на нападите на црквите за католичкиот Велигден. Речиси истовремено, безбедносните сили влегле во уште еден објект , каде нашле поголемо количество експлозив и дрон камера.
“Досега од групата екстремисти имаме 5 или 6 убиени. Сметаме дека ќе бидат 6, затоа што еден од нив го елиминиравме додека пукаше кон нашите сили. Двајца се разнесоа себеси надвор од скривницата. Уште 3 лица ги загубија животите во уште една самоубиствена експлозија внатре во скривалиштето” – оцени генерал-мајорот Аруна Јајасекера.
Во Шри Ланка е прогласена вонредна состојба по координираната серија бомбашки напади минатата Недела во кои беа убиени најмалку 250 лица а повеќе од 500-тини беа повредени.
Бомбашките напади беа насочени против црквите кои биле преполни со верници за католичкиот велигден минатата недела, како и хотели популарни меѓу странските туристи.
Властите во Шри Ланка ја обвинија локалната исламистичка група Таухид Џамаат за нападите, иако одговорноста подоцна ја презеде и озлогласената Исламистичка држава.
Безбедносните сили минатите денови спроведоа серија операциии против џихадистите иако стравуваат дека има уште неколку десетици симпатизери на Исламската држава, кои се кријат на различни локации во Шри Ланка.
Католичката црква во Шри Ланка ги откажа мисите во сите свои верски објекти оваа Недела, стравувајќи од можни нови напади.
До своите верници, црквата испрати апел молитвите да ги вршат во безбедноста на своите домови.
Во текот на вчерашниот ден, зголемени беа и безбедносните мерки околу џамиите, заради стравувањата од можни одмазднички напади.
Никола Илиевски