
15-годишно дете е во критична состојба по земјотресот во Загреб
Петнаесетгодишното дете за кое хрватските медиуми јавија дека е прва жртва на земјотресите во Загреб, е во критична состојба и лекарите се борат да го спасат.
„Детето е во многу, многу критична состојба. Во овој момент се прави компјутерска томографија за да ги утврдиме повредите“, изјави директорот на Болницата за детски болести, Горан Роиќ, за ТВ Н1.
Претходно, многу медиуми, вклучувајќи го и јавниот сервис ХРТ, повикувајќи се на државната агенција ХИНА јавија дека 15-годишно дете е прва жртва на потресите во Загреб. Од ХИНА се повикаа на информации од Заводот за итна медицина во Загреб.
„Добивме повик за уривање на зграда. Екипа на итната помош излезе на терен и најде тешко повредено дете кое веќе не покажуваше знаци на живот“, ја пренесе ХИНА изјавата на Жарко Рашиќ, директор на Завод за итна медицина.
Земјотрес со јачина од 5,3 степени го погоди утрово Загреб во 6,23 часот, проследен со уште еден потрес со јачина од пет степени. Епицентарот на земјотресот е лоциран на седум километри северно од Загреб, на длабочина од десет километри, кај Кашина, место кое е најпогодено.
Вториот земјотрес се случи во 7,01 часот и неговата јачина, според првичните податоци, била пет степени по Рихтеровата скала.
Хрватската престолнина се тресеше десетина секунди, а луѓето панично излегоа на улиците. Се уште се на улици, не се осмелуваат да се вратат во своите домови, а држат и дистанца меѓу себе. Многумина од нив носат и маски. Оштетувања има и на Клиниката за гинекологија, по што мајките со бебињата во раце истрчаа на улиците.
Оштетени згради, автомобили, но урнат е и врвот од загрепската катедралата. Во некои делови на Загреб, кус период беше прекинато снабдувањето со електрична енергија. Во некои згради, sидовите испукале, некаде се урнал покрив, а во станови паѓале полици и слични предмети.