100 цивили, меѓу нив и 26 деца убиени во последните 10 дена во Сирија

Повеќе од 100 луѓе, вклучувајќи 26 деца се убиени во Сирија во минатите 10 дена, во нападите на владините сили на повеќе болници и училишта, соопшти канцеларијата на високиот комесар за човекови права на ОН, Мичел Бачелет.

Според овие информации, цивилните жртви се последица на безмилосна кампања воздушни напади од владините сили и нивните сојузници, вклучувајќи ја и Русија.

“Оваа последна непрекината кампања на воздушни напади на владата и нејзините сојузници продолжи да уништува медицински објекти, училишта и друга цивилна инфраструктура како пазари и пекарници. Ова се цивилни објекти и ни се чини малку веројатно, дека заради начинот на кој се изведуваат овие напади, дека тие се уништувани случајно. Намерните напади против цивилите се воени злосторства и оние кои ги наредиле или извршиле, кривично се одговорни за овие постапки” – изјави Руперт Колвил, портпарол на високиот комесар за човекови права.

Од канцеларијата на високиот комесар за човекови права оценуваат и дека растечкиот биланс на цивилни жртви во регионот Идлиб кој го контролираат бунтовниците, наидува на незаинтересираност кај меѓународната заедница која колективно ги крева рамениците во немоќ.  

Бачелет оценува дека конфликтот во Сирија не е во фокусот на меѓународната јавност а парализирана е и работата на советот за безбедност на Обединетите Нации.

Никола Илиевски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ