Свиркачите кои ги открија бомбите и криминалот во конкуренција со Асанж и убиениот новинар Кучиак за европска награда

Возбуден, на раб да пушти солзи, долги години работел во УБК, познат по бомбите, поради кои беше во притвор. Вистината се разоткри, но Ѓоко Лазаревски и неговиот колега Звонко Костовски се заборавени и незгрижени. Нивниот труд го откри делото на Горан Грујевски и Никола Бошкоски, нелегалното прислушување, за што е отворен предметот Тврдина-Таргет.

Но сега сфаќаат дека обвинетите поранешни началници од 5-тата управа се подобро заштитени од нив, а аболицијата им важи и во Грција каде Грујевски и Бошкоски се пуштени на слобода.

-Забележувате дека некој жестоко се бори за тие луѓе (Горан Грујевски и Никола Бошкоски), да ги спаси, да ги заштити, да им обезбеди логистика. А ние, сме оставени сами, вели Ѓорѓи Лазаревски, поранешен вработен во УБК, укажувач и номиниран за новопромовираната награда „Дафне Каруана Гализиа“.

Материјалите на Звонко Костовски и Ѓорѓи Лазаревски, сегашниот премиер Заев ги презентираше како „Бомби“, а во кабинетот на Заев како советник е и Верушевски, 4-тиот протагонист во целата политичка драма наречена „Вистината за Македонија“.

Заев во март 2015-та ги нарече Лазаревски и Костовски, патриоти, прашањето беше дали оттогаш ги контактирал.

-Не, дециден е Лазаревски.

И додека дома се без работа, иако сакаат да се вратат во МВР, а Лазаревски вели дека размислува дури и да конкурира за директор на новоформираната ОТА, од Европа им стигаат признанија.

Лазаревски и Звонко Костовски се меѓу 5-те номинирани за првата награда за „Укажувачи, новинари и бранители на правото за информирање“ во Европскиот парламент (Парламентарна група на Европска обединета левица/нордиска зелена левица).

Македонските свиркачи кои ги заштитија бомбите се номинирани покрај Жулиан Асанж од Викиликс, убиениот словачки новинар Јан Куцијак и познатите европски свиркачи Марија Ефимова и Рафаел Халет.

Костовски и денеска не се појави јавно, немаме никаква заштита, објасни Лазаревски.

-Звонко се возбуди од наградата, се израдува на информацијата. Од друга страна секое појавување во јавноста му е траума, затоа што не може да се излечи од страв што може да му се случи. И што ќе се случи кога на крајот на краиштата овој случај ќе се заборави, а некој што сака да се одмазди се уште тоа го планира и тоа тлее во него. Ние сега навистина, кога се движиме , ја вртиме главата лево-десно. Гледаме некој да не оди по нас, да не не гледа, кој ние во близина. Едноставно не се чувствуваме слободно. А знаеме дека никој не не заштитува, низ кисела насмевка објаснуваше Ѓорѓи Лазаревски.

-Ние сме тука да дадеме поддршка, но законот предвидува инститиционална заштита за безбедноста на укажувачите. И тука веќе имаме сериозна и правна, и животна, и лична ситуација со која треба да се позанимаваат повеќе институции, рече Слаѓана Тасева од Транспаренси интернешнл Македонија, кои независно еден од друг, со новинарите Синиша Станковиќ и со Жанета Скерлев, ги номинираа Лазаревски и Станковиќ за наградата која ќе биде доделена на 29-ти мај во Стразбур.

Во образложението за номинацијата стои дека Лазаревски и Костовски откриле прислушување на 20 илјади политички опоненти на екс-премиерот Груевски што доведе до негова оставка.

Наградата која се доделува по првпат го доби името по Дафне Каруана Гализиа, новинарката убиена на Малта минатата есен по серија истражувања за организиран криминал и корупција.

Повеќе информации за номинираните има на линкот.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ