Разрешен претседателот на Врховен суд Јово Ванѓеловски поради несовесно работење

Јово Ванѓеловски од денеска не е претседател на Врховниот суд, но повеќе не е ниту судија. Така одлучи судскиот совет кој денеска зад затворени врати гласаше. Името на судијата не го споменуваат за да не му го нарушат кредибилитетот. Но претседателот Киро Здравев потврдува дека од десетмина членови осуммина биле за разрешување.

Освен Ванѓеловски разрешена е и судијката Рахилка Стојковска, а се чека извештајот и за судијата Ристо Катавеновски. Тројцата гласаа за спорната одлука по која осомничениот бизнисмен на СЈО, Сеад Кочан не тиде во притвор туку избега. Спорното БЗЗ тогаш го поднесе сега актуелниот претседател на советот на јавни обвинители Ацо Колевски, а според СЈО беше мешање на државното обвинителствот во работата на СЈО. Сепак разрешените судии тогаш го прифатија ова БЗЗ. Сега можат да се жалат пред истиот суд од каде се разрешени.

Жалбата сепак не го одложува извршувањето на одлуката па судскиот совет за вд претседател веднаш го назначи Фаик Арслани. Инаку веќе две години судскиот совет не успеваше да го стави на дневен ред барањето на невладината Зелена Лупа за тројцата судии.

Јово Ванѓеловски во 2017 тата година беше избран по втор пат за претседател на Врховниот суд. Неговиот глас го слушнавме и во прислушкуваните разговори со министерот Миле Јанакиевски за случајот „Глобал“ каде беше осомничен сегашниот премиер Зоран Заев. Познат е по тоа што е и кум на поранешниот председател на Собранието Трајко Вељановски. Многупати се обидуваше да ги оспори бомбите како докази во случаите на СЈО, а специјалната обвинителка Катица Јанева пак го стави во специјален извештај како судија кој е недостоен за да ја обавува функцијата поради неговите блиски релации со политичари кои ги слушнала токму во разговорите.

Билјана Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ