
Обвинение за Рекет: Освен мебел, Јанева зела и 5о илјади евра
50 илјади евра и гарнитура вредна 5 илјади евра. Ова како награда го добила екс обвинителката Катица Јанева за да го пушти осомничениот бизнисмен Орце Камчев во домашен притвор, а по тоа и за да му го врати пасошот, тврди обвинителството за организиран криминал и корупција.
За разлика од Јанева останатоите двајца вклучени во рекетот, Бојан Јовановски и Зоран Милески земале милион и пол евра односно 30 пати повеќе пари отколку Јанева. Но, според обвинението поднесено денеска, тројцата кои биле вклучени во рекетот си имале различни улоги. Боки 13- ка од ноември лани до април годинава, се дружел со Јанева и влијаел врз неа да стори, како што пишува во обвинението, нешто што не би смеела. Кичеец имал улога да ги договара средбите со Камчев и неговата сопруга, Ана Камчева и ги уверувал во блискоста на Боки 13 со Јанева. Целта била Камчев кој е осомничен во истрагата на СЈО Империја, наместо во затвор да добие поблаги мерки што и се случило.
Второобвинетата го прифатила влијанието на првообвинетиот и како службено лице – јавен обвинител, ја искористила својата службена положба и овластување и ги пречекорила границите на своето овластување. Откако првообвинетиот заедно со третообвинетиот ги добил договорените 500.000 евра од сопругата на сведокот и покрај тоа што постоеле неизменети околности врз кои била определена и продолжена мерката притвор, второобвинетата до Апелациониот суд – Скопје доставила предлог за определување на поблага мерка – куќен притвор, кој предлог бил прифатен од страна на судот. Воедно, согласно договорот, по исплатата на првите 1.000.000 евра, второобвинетата доставила писмена согласност до судот одземената патна исправа привремено да му биде вратена на сведокот, се вели во соопштението од Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција
Како Јанева и Кичеец ги трошеле парите, во соопштението од обвинителството не пишува, но за Боки 13 има информации. Тој иако е невработен и има блокирани трансакциски сметки на почетокот на годината купувал луксузен мебел, облека и обувки, а одел и во луксузни ресорти во странство. Ова е доказ за обвинителството дека парите од рекетот се пуштени во оптек.
Денеска обвинителката Вилма Русковска го поднесе обвинението.
Во меѓувреме на Јанева и е влошена здравствената состојба и е задржана на приватната клиника Жан Митрев. Според информациите на Телма таа се наоѓала во прединфарктна состојба па поради тоа било неопходно нејзино хоспитализирање. Дел од неофицијалните информации беа дека токму таа претходните денови се обидела да се спогоди со обвинителката Вилма Русковска, но нејзините адвокати негираат дека е поднесен таков предлог. Од друга страна и останатите адвокати негираат дека нивните клиенти имаат побарано спогодба, но за разлика од нив Русковска тврди дека еден поднесок има.
Инаку обвинителството за Боки 13 -ка поднесе обвинение за примање награда и за перење пари, за Кичеец само за примање награда, додека за Јанева за злоупотреба на службената положба. За Јовановски и покрај влошеното здравје Апелација не дозволи укинување на притворот, за Јанева пак се уште нема одлучено дали ќе ја прифати гаранцијата од три станови. Зоран Милевски се брани од домашен притвор.
Билјана Николовска