Започна тестирањето на првата експериментална вакцина за корона вирусот, Франција од утре под карантин

Американските лекари ја дадоа денеска првата експериментална вакцина за коронавирусот, со што започнаа обидите за пронаоѓање на најдобрата заштита од опасната пандемија.

Со внимателно боцкање во рамото на 43-годишната Џенифер Халер, научниците од истражувачкиот институт Кајзер Перманенте од Вашингтон, го означија стартот на долгоочекуваната прва етапа од развивањето на потенцијалната вакцина за заштита од респираторната болест Ковид 19, која од Кина се прошири низ целиот свет.

“Сите се чувствуват толку беспомошно во моментов. Јас сфатив дека има нешто што можам да го направам за да помогнам и затоа сум среќна дека сум тука” – изјави Џенифер Халер, првата волонтерка за експерименталната вакцина.

45 волонтери во период од еден месец ќе примат по две дози од вакцината.

Ова е само првата фаза од серијата испитувања за безбедноста и успешноста на вакцините, но дури и се да се одвива во најдобар ред, евентуалната вакцина нема да биде подготвена за употребоа уште најмалку 12 до 18 месеци.

Пандемијата корона вирус продолжува да се шири во светот. Според последните податоци, бројот на случаи надвор од Кина сега е поголем од бројот на случаите во земјата каде првично избувна епидемијата.

Европа е епицентарот на заразата а државите се повеќе ги заоструваат мерките за справување со здравствената криза.

Францускиот претседател Емануел Макрон најави дека од утре на пладне во земјата стапува на сила карантин. На сите граѓани им се препорачува да останат во своите домови, кои ќе може да ги напуштат единствено со посебни дозволи за итни случаи. Оние кои ќе ги прекршат правилата ќе бидат казнети.

Макрон додаде и дека француската армија ќе биде користена за да ги пренесе болните луѓе во болниците.

Тој информираше и дека во договор со земјите од ЕУ, ќе бидат затворени границите, претходно ваква одлука донесе и Германија.

Светската здравствена организација денеска оцени дека мерките за ограничување на контактите меѓу луѓето ја помагаат борбата против епидемијата, но тестирањето на луѓето кои можеби се заразени мора да биде суштина на секоја активност на земјите.

“Не може да го гасите огнот со превез преку очите. Нема да можеме да ја запреме оваа пандемија ако не знаеме кој е инфициран. Имаме едноставна порака до сите земји: тестирајте, тестирајте, тестирајте. Тестирајте го секој сомнителен случај. Ако резултатот е позитивен, изолирајте ги луѓето и откријте со кого тие биле во близок контакт барем два дена пред да ги развијат симптомите и тестирајте ги и тие луѓе” – изјави генералниот директор на СЗО, Тедрос Адханом.

Мерките против коронавирусот ги заоструваат и САД а американскиот претседател Доналд Трамп преудпреди дека епидемијата во сооединетите држави најверојатно ќе трае до Јули или Август или можеби и подоцна.

Никола Илиевски

Објавено на
© 2024 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ